Во Македонија и во Бугарија дискриминацијата треба да се препознае |
ПАНЕЛ: „заедно за еднаквост – стратешка рамка за заедничка акцијa за борба против дискриминацијата - бугарски искуства за антидискриминација“ Панелот „Заедно за еднаквост – стратешка рамка за заедничка акција за борба против дискриминацијата/ Бугарски искуства за антидискриминација“, одржан во организација на Куќата на човековите права на Македонија, пред мал број присутни слушатели и учесници, на површина ги изнесе актуелните состојби со дискриминацијата во Македонија и Бугарија, чиј заеднички именител беше потребата од поголема едукација на граѓаните, подигање на свесноста за постоење на проблемите, работа на правните рамки.
Воведничарката Мирјана Најчевска го коментираше малиот одзив на присутните како одраз не само на незаинтересираност, туку и како степен на незнаење што се се подразбира под поимот дискриминација во Македонија денес, презентирајќи ја и фактичката, неповолна уставна рамка со затворена листа, која содржи само 9 основи за дискриминација и е помала од т.н отворени европски листи.
„Во Европа, укажа Најчевска, работите се развиваат и годинава е формирана и Европска агенција за базични права (FRA), а во Македонија сеуште не постои позитивна пракса за заштита на луѓето од дискриминација, непрецизно е разграничена директната од индиректната дискриминација“ рече таа.
Како илустрација на бавното менување на свеста, беше посочен развојот на иницијативата за донесување на закон за недискриминација, кој од 2004 година сеуште не е на дневен ред во македонскиот Парламент, а како обид за забрзување на работите, веќе оформеното Координативното тело за размена на информации и за развој на концепт за антидискриминација и иницирање на институционална рамка.
Лулзим Назири од Асоцијацијата за демократски иницијативи, ги презентираше досегашните позитивни резултати во спроведувањето на Рамковниот договор, во надминувањето на одредени основи на дискриминација во Македонија, укажувајќи и на потребата од понатамошна работа тоа поле.
Нели Кирјакова, претседателката на организацијата „Евроинтеграција“ од Бугарија ги презентираше искуствата во изработка и спроведување на бугарскиот закон за антидискриминација, кој оформен од 2004 година и до денес континуирано се надополнува. К.Б
|