Полио Плус
Како средствата собрани од игрите на среќа и забавните игри се распределуваат беше носечкото прашање на панелот што го организираше Полио плус денес ро рамките на шестиот НВО Саем. Воведничарите се осврнаа на начинот на распределба на средствата, критериумите и висината на средствата.
Распределбата на приходите од игри на среќа на организациите што работат со хендикепирани лица се вршела уште во 1974 година.
Зголемувањето на висината на средствата влијаела на воведување на ограничувања во распределбата. Така од 1993 година 50% од приходите се наменети на организациите на хендикепирани лица, Црвениот крст и за развој на спортот. Од 2001 година тој износ е ограничен на најмногу 120 милиони денари, а најмалку 60 милиони. Приходите од игри на среќа растат (речиси дупло од 2002 до 2007 година), а средствата што се распределуваат се исти. Процентуално гледано, паѓаат во однос на приходите. Идентификуваните проблеми на системот се непостоењето информираност за критериумите, распределбата без јавен оглас и распределбата лимитирана на мал број однапред определени организации.
Во Хрватска, 50% од приходите се наменети за граѓански организации, а во Словенија целиот приход оди за две фондации, за финансирање на инвалидски и хуманитарни организации и за финансирање на спортски организации. Според Борис Шоштариќ, организациите можат да конкурираат за оперативни и индиректни трошоци, за посебни социјални програми и за опрема.
Предлогот упатен до македонската влада во врска со распределбата на приходите од игри на среќа е да се врати старото решение, 50% за граѓанските организации; да се прошири кругот на корисници на средствата и распределбата да биде транспарентна.
„Никој во власта не сака да се зафати со оваа тема“, рече Звонко Шаврески, претседател на Полио плус. „Со парите се обидуваат да разделат и да владеат. Парите се силно средство за дисциплинирање и воспитување на организациите кои „недисциплинирано“ изјавуваат или прават нешто“, смета тој.
|