ПАНЕЛ: Мала вклученост на малите заедници
Највпечатливиот наод на извештајот „Споделување на власта “ е ниската вклученост на малите заедници во Македонија
„Малите заедници го добија вниманието на големите заедници и на јавноста со покренувањето на иницијативата за загарантирани места во Парламентот“, рече професорката Мирјана Малеска во своето обраќање на панелот „Вклучување на малите малцинства“ што се одржа денес во рамките на шестиот НВО Саем.
Според неа најопшт заклучок е дека на национално ниво постои дистрибуција на власта од која се задоволни Македонците и Албанците но, не се задоволни малите заедници.
„Недостасува јавност во проблемите на малите заедници“, рече Илија Димовски, пратеник во македонското собрание. Според него потребен е позитивен културолошки притисок врз јавноста и врз оние што одлучуваат. „Политичките проблеми не секогаш се и меѓуетнички и обратно. Постои тенденција политичките проблеми да се сведат на меѓуетнички“, додаде тој.
За Џеват Адеми, пратеник во македонското собрание, луѓето во Македонија малку се познаваат. „Ова повеќе се однесува на Македонците“, рече тој, „ние останатите заедници сме биле упатени едни на други и сме се запознале подобро. Некој рекол „демократијата е скапа“ и така е. И мултикултурна Македонија чини но, тоа не е причина да ја нема“, додаде Адеми. Тој истакна дека ДУИ не е против законот за малите заедници, туку дека смета дека на Македонија и е потребен нов модел, една изборна единица, без цензус за малите заедници, а 5% праг за другите.
Резултатите од позитивната дискриминација кај Ромите, според Ибрахим Ибрахими
се евидентни. Од 9 студенти во 1991 година, сега има 200.
Според Малеска, темата со која Македонија во иднина ќе се среќава е како да се постигне баланс, со уставни промени да се овозможи ограничување на власта на мнозинството. Ограничувањето на мнозинството треба да се направи по природен, доброволен пат. Во Македонија тоа не се случи на тој начин. Она што треба да се направи, смета Малеска е нешто невозможно „да бидеме подобри, потолерантни луѓе. Дали ќе можеме останува да се види“, заврши таа.
|