Македонија е земја со најмалку даночни олеснувања |
ТРКАЛЕЗНА МАСА: даночни закони и граѓанските организации Според Индексот на граѓанското општество во Македонија, нашата земја е со најмалку даночни олеснувања. Македонија има неповолна околина за дејствување на граѓанските организации, поради малите даночни олеснувања и поради намалувањето на донациите од странските организации.
На денешната тркалезна маса, Зоран Цали од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија. истакна дека законите за граѓанските организации се повеќе подготвени за трговски друштва, отколку за самите граѓански организации.
Александар Бужаровски, експерт по сметководство за граѓанските организации, укажа дека граѓанскиот сектор, не успеа досега да оформи група на експерти кои ќе им се спротистават на владите на РМ во креирањето на закони.
„Попусти се досегашните тврдења на владите дека успеале да направат нешто за граѓанскиот сектор“ – рече Бужаровски.
Според Славко Лазовски од Министерството за финансии, даночните поттикнувања не се во спротивност со даночните олеснувања. Тој истакна дека во Законот за додадена вредност, не се прави разлика меѓу организација од јавна корист и организација од заедничка корист, што значи дека овие облици на делување на граѓанските организации имаат ист даночен третман.
„Основното решение за граѓанските организации е дека тие се „надвор„ од системот на ДДВ, бидејќи само оние кои вршат некоја стопанска дејност се во “средиштето„ на Законот за ДДВ. Во сегашните даночни поттикнувања, увозот на подарени добра е ослободен од ДДВ, доколку приматели се „регистрирани домашни непрофитни и нерегистрирани домашни хуманитарни непрофитни и невладини организации.
Во рамките на тркалезната маса, беше промовирана и публикацијата „Преглед на даночните одредби за граѓанските организации, со коментари“, на Александар Бужаровски. Публикацијата е издадена од МЦМС, во рамките на програмата на Граѓанската платформа на Македонија.
Публикацијата има две цели. Како прво, да ги запознае граѓанските организации во земјата со постоечките одредби, како и со новите измени и дополнувања во даночните закони кои влијаат на нивната работа, а со тоа да обезбеди поголемо разбирање за даночните обврски, но и за даночните можности во работењето на граѓанските организации.
Второ, да обезбеди коментар во однос на релевантните даночни прописи за граѓанските организации.
Публикацијата создава солидна основа за идентификување на состојбите и оценување на напорите за даночни реформи, што ги презема нашата земја за приближување и изедначување со меѓународната практика на полето на создавање поволна даночна рамка за работењето на граѓанските организации. Особено е драгоцено сознанието дека уште многу треба да се работи на реформирањето на даночните решенија.
|