Откриена јама длабока 300 метри |
Македонско - словачка експедиција Солуунска Глава 2005 Спелеолошкото друштво “Пеони” од Скопје, кое имаше и свој штанд на НВО саемот, ги промовираше активностите и добиените сознанија од реализираната македонско - словачка експедиција на Солунска Глава во 2005 година, каде освен гостите од Словачка, учествувале и дел од неговите членови.
Преку видео и усна презентација, тие на посетителите им го претставија начинот на кој на Солунска глава откриле јама длабока триста метри, која се смета за карактеристична и ја вбројува Македонија на 27 то место по присуство на чисти вертикали во светот. Јамата е констатирана уште пред 20 години, но истата е актуализирана минатата година, кога македонско- словачката експедиција открила осум вертикални објекти - јами. Нејзиното дно е со широчина од 20 а висина од 100 метри , што се смета за откриен простор со големи димензии. Најголемата откриена вертикала од ваков тип, која е на листата заедно со Македонија, се наоѓа во Словенија и е длабока 600 метри.
На годинешната експедиција на падините на Солунска Глава, спелеолозите престојувале седум дена, во логор поставен на 2000 метри, при што испитале и уште седум нови објекти со што ги дополниле досегашните сознанија за планината Јакупица, која се смета за сеуште доволно неистражена. Истражувањата заедно со словачките спелеолози ќе се одвиваат и во иднина, на простор кој се протега од изворите на реката Бабуна и се смета за специфичен и важен за собирањето на информации за планината Јакупица. Словачките спелеолози кои истражуваа годинава заедно со Пеони доаѓааат од пет спелеолошки друштва, меѓу кои и од Црвени врвови, друштво што се јавува како организатор од словачка страна.
За нив, како и за другите странски истражувачи Солунска глава е интересна поради присуството на голем број спелеолошки објекти а странците сметаат, велат во Пеони, дека тука треба да се бара најголемиот вертикален објект, со длабочина над 300 метри.
|