| За бесплатни прегледи за сите жени |
|
|
|
|
Подигнување на свеста кај жените за рано откривање на ракот на дојката - можности за промена на законската регулатива Од 1989 до 2004 година со помош на скрининг биле прегледани 37.000 пациентки, а кај 6.000 од нив биле констатирани малигни промени на дојката. Во Македонија најмалку 14 медицински центри низ целата земја мораат да го имаат ехо апаратот За една жена која е заболена од рак на дојка се издвојуваат 15.000 евра за нејзин третман, а еден ехо апарат чини 25.000 евра.
Секоја година сe повеќе жени заболуваат од ракот на дојката. Оваа болест, за која точно не е утврдена причината, може да се спречи или да се открие во најраната фаза на заболување доколку жените навреме ги извршат сите потребни прегледи. На жените им се препорачува барем еднаш годишно да одат на испитувања, да вршат самопрегледи на дојката, а доколку забележат сомнителни измени на градите веднаш да се јават на лекар. Но, факт е дека поради проблемите во нашето здравство голем број жени немаат можности да се прегледаат. Затоа повеќе женски невладини организации покренаа иницијатива за собирање потписи за измена на законската регулатива со што на сите жени, вклучително и на оние кои немаат здравствено осигурување, би им се овозможил бесплатен преглед и скрининг.
Д-р Тихомир Крцковски од Клиниката за тораковаскуларна хирургија, еден од учесниците на панелот: “Подигнување на свеста кај жените за рано откривање на ракот на дојката - можности за промена на законската регулатива” истакна дека статистичките податоци за заболување од ракот на дојката се битни, но: “Ако е и еден процент, а тој еден процент сте вие, тогаш е значајно. Затоа превентивата и раното откривање на заболувањето се многу значајни. “, истакна Крцковски.
Како и зошто се добива ракот на дојката не се знае, во ризична група се жени во чии семејства веќе го имало ова заболување, но сепак жените, внимавајќи и на начинот на живот, ќе делуваат превентивно. Така, добра е диетата со фибри, но не се препорачува диета со високо сатурирани масти. Исто така лекарите, учесници на панелот, нагласија дека жените мораат да внимааваат на одржување на идеалната тежина, а под задолжително спаѓаат и физичките активности. Самопрегледот на дојката, кој е најдобро да се изврши десеттиот ден по менструацијата, е значаен во раното откривање на промените на дојката и спречување на ракот на дојката.
Во земјите од регионот јавноста им дава поддршка на активистките кои се борат секоја жена да има пристап до здравствените услуги и бесплатен преглед. Така, во Хрватска на почеток на 2006 година стапува во сила закон со кој на сите жени ќе им се овозможи бесплатен преглед.
“Од 1989 до 2004 година со помош на скрининг во Македонија биле прегледани 37.000 пациентки, а кај 6.000 од нив биле констатирани малигни промени на дојката. Во Македонија најмалку 14 медицински центри низ целата земја мораат да го имаат ехо апаратот. Со тоа голем број жени ќе бидат и спасени, а и економичноста е голема. На пример. За една жена која е заболена од рак на дојка се издвојуваат 15.000 евра за нејзин третман. А, еден ехо апарат чини 25.000 евра. Сметката е јасна, но најважно од с? е тоа што многу жени ќе бидат спасени и што голем број жени во целата држава ќе имаат можност за целосен преглед на дојките”, истакна Крцковски.
|