Твојот потпис е закон Печати

 

Презентација

Во кампањата за законот за хендикеп досега се собрани околу 6 000 потписи Под наслов “Твојот потпис е закон”, во Македонија е во тек кампањата на граѓанската организација Полио плус, за донесување на Закон за заштита на прават и достоинството на лицата со хендикеп, презентирана и пред полна саемска сала на Меѓународниот ден за почитување на човековите права 10 декември.

 

 

Воведничарите  Жанета Стојкова, Сашо Тодоровски и Наташа Постоловска и презентерот Звонко Шаврески, го насочија вниманието на присутните  кон  разгледување на проблемите поврзани со законскиот третман на хендикепот, од аспект на дискриминацијата.

 

За правниот и мошне сложен третман на дискримоинацијата во светот, каде спаѓа и хендикепот, говореше Сашо Тодоровски од Хелсиншкиот комитет во Македонија, кој информираше за актуелните  промени во законскиот третман на  поимот на дискриминацијата.  Укажа на фактот дека уште пред 10 години Советот на Европа се обидел да го редефинира поимот на дискриминацијата, кој претходно правно  не можел да се ефектуира, при што се правени и разни предлози, но без голем успех.

 

Во Советот на Европа се избегнува членот 14 од Конвенцијарта за човекови права, посветен на дискриминацијата, бидејќи како што нагласи Тодоровски,  таа сеуште тешко може да се докаже на практичен начин, што се потврдува и со нерешените спорови. Тој информираше и за оформувањето на  нацрт - меѓународна конвенција за дискриминација,  во ОН , потенцирајќи го нејзиното исклучително значење за земјите во иднина.

 

Досега за донесувањето на споменатиот законот за хендикепираните лица,  се собрани  околу 6 000 потписи, од потребните 10.000, законот Тодоровски  го подржува  и го смета за  модел кој бара долгорочен процес на работа, при што се реставрираат дел од старите права и се прилагодува на  актуелните закони во Советот на Европа.

 

“Забраната на дискриминацијата е услов без кој не се може, а водењето на афирмативни акции, е  горниот праг кон кој треба да се стремиме” смета Жанета  Стојкова, нагласувајќи дека државата е одговорна за афирмативните акции. Таа информираше дека 44 земји досега донеле антидискриминаторски  закони или одредби, но нивната практична примена во реалноста е дискутабилна. “Со донесувањето на  законот за хендикеп , Македонија ќе биде чекор пред светот, во поставувањето на потребните законски услови” - нагласи Стојкова.

 

Наташа Постоловска се осврна на состојбата со лицата со хендикеп во Македонија, кои  според констатациите од направените истражувања, се чувствуваат целосно маргинализирани. Постоловска презентираше  одредени резултати според кои 70 % од испитаниците  одговориле дека правата и достоинството на хендикепираните можат да се заштитат со еден, посебен закон.

 

Димче  Каневче, од  Коалицијата “Сега”, укажа на неопходноста од промена на состојбата не само со законско регулирање, туку и со подигање на свеста за неопходно актуелизирање на  проблемите, за  отворање на лицата со хендикеп и нивните семејства кон надворениот свет.