| Да се овозможи лекување на маргинализираните општествени групи |
|
|
Улога на граѓанскиот сектор во обезбедување здравствени услуги Невладиниот сектор одигра круцијална улога во обезбедување на пристапот до здравствените услуги на маргинализираните општествени групи. Кога невладините организации пред десетина години почнаа да обезбедуваат дел од здравствените услуги, пред се, за вулнерабилните групи, многумина тоа го протолкуваа како почеток на паралелен здравствен систем во државата.
Меѓутоа, се покажа дека граѓанскиот сектор е партнер на Министерството за здравство, и дека некои акции кои ги иницираше цивилниот сектор беа во насока на демистификација на одредени здравствени проблеми, како што е на пример сидата или хепатитис Ц, болести кои беа врзувани за хомосексуалноста и интравенозно земање дроги.
Ова се некои од заклучоците на форумот “Улога на граѓанскиот сектор во обезбедување здравствени услуги” што го организираа невладините организации ХОПС и ХЕРА, а кој предизвика големо интересирање кај посетителите на петтиот НВО саем.
“Значењето на невладините организации е во тоа што на јавноста и укажаа дека постојат маргинализирани општествени групи, како што се интравенозни корисници на дрога, бездомници, хомосексуалци, алкохоличари, ментално болни. Цивилниот сектор ја разбуди свеста на јавноста дека овие групи се дел од нашето општество, дека тие се тука покрај нас, дека тие не се некои други”, истакна д-р Владанка Андреева од УНАИДС.
“Соработката меѓу невладиниот сектор и Министерството за здравство треба да се дефинира. Ако на почетокот соработката беше со сомнежи од двете страни, денес веќе ситуацијата е поинаква. Партнерскиот однос е воспоставен откако на Македонија и беа доделени средства од глобалниот здравствен фонд, кој државата и го доби затоа што го исполни условот кој го поставија странските донатори. А, условот беше најмалку педесет отсто од средствата да им бидат доделени на невладините организации. Македонија од глобалниот здравствен фонд доби 4,3 милиони долари што е навистина значајна сума”, истакна д-р Дарско Костовски од невладината организација ХОПС - опции за здрав живот.
Она што ХОПС им го овозможува на своите пациенти е санирање на последици од долготрајно и неправилно инјектирање, советување за терапевтски модели, советување за штетните последици од употреба на дроги и намалување на штетите, гинеколошки прегледи и слично.
“За седум години постоење на ХОПС ние им пруживме услуги на 1.862 пациента, а направени се 12.323 интервенции. Невладиниот сектор нема претензии да стане паралелен систем во здравството, туку да им овозможи пристап до здравствените услуги на оние луѓе кои се на маргините на општественото живеење, а многумина од нив немаат ниту социјално осигурување”, објасни Костовски.
Д-р Стефан Стојановиќ од невладината организација ХЕРА, пак, објасни дека цивилниот сектор ги прилагодува здравствените сервиси на приоритетите на локалната заедница. “Во рамките на ХЕРА е основан младински центар за сексуално здравје “Сакам да знам”, а здравствените услуги се прилагодени кон потребите на целната група - пред се средношколската младина. Така, 230 млади ја посетиле гинеколошката амбуланта, во најголем број девојки, но и значаен процент момчиња ја посетија амбулантата. Дерматовенеролошката амбуланта пак, ја посетија 53 пациенти - ученици во средниште училишта. “
Д-р Сандра Кузмановска, од Министерство за здравство истакна дека е факт дека невладините организации нашле начин како да се приближат кон маргинализираните општествени групи. “Невладиниот сектор е значаен партнер во областа на здравството. Глобалниот фонд за здравство се користи по принципот - 41 отсто за владата, а 59 отсто од средствата се за невладиниот сектор. Носител на програмата за глобалниот фонд е Министерството за здравство, додека севкупната програма од овој фонд се имплементира со помош на педесет и четири организации. “, додаде Кузмановска.
Учесниците на панелот се согласија дека е предизвик да соработуваат невладиниот и владиниот сектор во областа на здравството, а некои од панелистите нагласија дека можеби товарот од заедничката активност ќе мора да ја понесат лекарите кои работат во примарната здравствена заштита, кои ќе морааат да го продолжат своето работно време поради зголемениот број пациенти.
Но, факт е дека таму каде што владата не наоѓа модел за лекување или не ја препознава својата улога стапуваат на сцена невладините организации, заклучија за крај панелистите на овој форум.
|