Отворање на НВО Саем 3 Форум на граѓанското општество во Македонија 20-22 ноември 2003 година, Скопје |
Воведно обраќање: Сашо Клековски
Почитуван г. Борис Трајковски, претседател на РМ, Почитувани екселенции, Почитувани граѓани, колеги и пријатели
Веројатно е тешко да кажам нешто ново по веќе кажаното од претходните високо ценети говорници, по веќе кажаното на Вториот НВО Саем. Ништо ново, веројатно. Премногу долго говориме за истите проблеми за истите предизвици пред нас. Сепак, ќе си дозволам да уште еднаш ги набројам.
Говориме за безбедноста, за мултикултурно општество, за партиципативната демократија и децентрализацијата , за економскиот развој и вработувања. Колку повеќе говориме толку повеќе нови проблеми, толку повеќе нови дилеми.
Дали ќе се врати безбедноста во земјата? Дали ќе се разоружаме? Дали разоружувањето е возможно кога (не) културата на насилство се негува од детска возраст? Со семејното насилство, со насилните програми за деца. Со некултура каде поклонувањето оружје е највисока почест. Дали разоружувањето е возможно кога во земјата е вдомаќен организиран криминал, трговци со луѓе, криумчари на дрога и цигари?
Дали Македонија развива мултикултурно оштество? Или бикултурно општество? Дали Македонија е држава на Македонците, на Македонците и Албанците, или на сите граѓани што живеат овде? Дали имаме само различни перцепции или и различни пристапи? Дали хетерогеноста е предност или слабост? Дали може да градиме мултукултура без култура? Дали културата е нашиот водич низ транзицијата на морална криза и асоцијално однесување?
Дали децентрализација ќе води во локална демократија? Дали е возможна партиципативна и плурална демократија? Дали е возможна децентрализација во услови на слаба држава (weak state)? Што се децантрализира во слаба држава?
Дали безбедноста, мултикултурното општество и демократијата се возможни во услови на деиндустријализација, невработеност и сиромаштија? Дали неопходниот економски развој мора да биде по цена на уништување на нашата природа и нашето здравје? Дали знаеме да ја охрабриме општествената одговорност на деловниот сектор, на претприемачите?
Многу проблеми, многи дилеми. Дали можеме? Дали можеме да во неколку години го постигнеме тоа што на другите нации им требале генерации, децении и векови?
Се барат и се нудат решенија. И веќе има подобрувања.
Но граѓаните очекуваат повеќе и подобро. Многу луѓе ја губат надежта и трпението.
Очекуваат „волшебни стапчиња“ кои ќе ги расчистат сите проблеми. Без разлика дали тоа „волшебно стапче“ е Рамковниот договор или интеграцијата во Европска унија.
Што очекуваат граѓаните од Рамковниот договор? Зошто најчесто изречените забелешки за неспроведување на Рамковниот договор од граѓаните во Липково, во Вратница, се забелешки за сиромаштијата и невработеноста?
Дали е тоа е истото очекување кое го имаме од евроинтеграциите? Дали големата желба не води во фатална привлечност? Дали треба да станеме членови на Европската Унија за да си ја вратиме довербата во себе? Дали можеме да станиме дел на Европската Унија, дел од глобалниот свет без самодоверба и потпирање на самите себе? Без расправа и дебата што тоа значи за нас самите?
Дали нашиот раст и развој ќе го темелиме само на странскиот капитал и тоа најчесто странска помош?
Не постои таков договор или таква интеграција што ќе ги решат нашите проблеми без нас самите.
Многу проблеми, многи дилеми. Дали можеме?
Не смееме да дозволиме да не надвладее апатија и помирување со судбината. Така стануваме губитници.
Не треба да стравуваме поради нашите разлики, разномислие. Не треба да стравуваме од дебати и полемики. И треба да дебатираме и полимизираме. Треба да се соочиме со меѓусебните стравови, заблуди, стереотипи. И со стравовите, заблудите и стереотипите за самите нас, за граѓанскиот сектор: за про-владиноста, за “петтата колона”, за тоа дали сме организирани за вредности или за пари. Нема ништо толку добро како директна комуникација и директен однос. И затоа ќе говориме и размислуваме и дебатираме и полемизираме. Ќе разменуваме искуства. Ќе се договараме за нови и делотворни активности. И повторно. И со многу труд. И со многу трпение.
Да направиме пат за меѓусебен респект и конструктивна соработка и партнерство. Конструктивна соработка и партнерства меѓу сите актери во општеството.
Без исклучување, сите заедно. И НВО, и синдикатите, и медиумите, и црквите и верските заедници. И општествено одговорниот приватен сектор. И државниот сектор, вклучувајќи ја и позицијата и опозицијата, и политичарите и јавната администрација.
Само со меѓусебен респект и конструктивна соработка и партнерство, од губитници ќе станеме победници.
Зошто? Да останам и да се соочам. Јас живеам овде. Ние живееме овде. Овде е мојот и нашиот дом со генерации. Овде се нашите блиски и пријатели. Овде е мојот и нашиот сон и иднина. Со сите нас.
Сашо Клековски |