Новите трендови, предизвиците на граѓанското општество |
Пленарна сесија
„Развојот на невладиниот сектор не кореспондира со развојот на демократијата“, рече меѓу другото Нафи Сарачини, советник за граѓанско општество во Делегацијата на Европската комисија во Скопје и еден од воведничарите на пленарната сесија “Нови појави и трендови – предизвици со кои се соочува граѓанското општество”, што се одржа на 29.10.2002 на НВО Саемот, со која претседаваше Мирко Спироски. На ставот дека не постои невладин сектор (поради потполната зависност од надворешните донации и непостоењето поддршка од страна на владиниот сектор), Сарачини го спротивстави ставот за непостоење на адекватен државен сектор. Во тој контекст тој ја истакна зависноста на државната администрација од моќта концентрирана во рацете на поединци или групи. Од друга страна, според Сарачини, видливи се и негативностите на невладиниот сектор, отсуството на стратешко планирање и спроведување на активности кои не го допираат коренот туку последиците на проблемот. Затоа, идниот фокус на активностите, според него, треба да биде во градењето граѓанска свест, меѓусебна соработка, идентификување локални донатори и развој на менаџерските способности во рамките на НВО.
Фазата во која сега се наоѓаат невладините организации, според Сашо Клековски, извршен директор на МЦМС и воведничар на оваа сесија, е фазата на развој која е многу потешка од фазата на основање. Тој истакна дека искористеноста на човечките ресурси во НВО секторот во Македонија е многу мала, и дека разбирањето за тоа што опфаќа невладиниот сектор често е многу потесно од она што навистина е овој сектор. На пример, во тоа разбирање редовно се испуштаат синдикатите.
Според Ѓорѓи Иванов, професор на Правниот факултет во Скопје и претседател на Институтот за демократија, солидарност и цивилно општество, постои двојност во разбирањето на граѓанското општество. Според него и позитивните и негативните страни се базираат на истите основи: обезбедувањето ресурси, транснационалниот развој и развојот на плуралистичко граѓанско општество. Теодори Пандели, професор и извршен директор на Фондацијата за граѓанско општество во Албанија им ги пренесе на присутните искуствата од развојот на граѓанското општество во Албанија. Тој ги акцентираше главните проблеми: отсуството на соработка меѓу самите организации, односите со медиумите, паралелизмот на финансиската поддршка. Излезот од ситуацијата се гледа во воспоставувањето мрежи, чадор организации и мултидисциплинарни центри, соработка со странските организации, активирање на интелектуалците, соодветна географска дистрибуција на активности, градење на јавната свест итн. “Темата за дискусија беше еден од најактуелните и најприоритетните предизвици на НВО секторот”, рече Владимир Милчин од ФИООМ. “Добро беше што имавме различни приоди кон неа. Со тоа, некои од воведничарите и од учесниците, а и јас лично, испровоциравме сериозна дискусија за контекстот на темата. Дискусијата беше добра можност за иницирање низа нови прашања и поставување основи за следните слични разговори”, заврши Милчин.
На пленарната сесија беше заклучено дека е потребна широка стратешка соработка помеѓу НВО, како и соработка на невладиниот со владиниот сектор. Потребно е активностите да се фокусираат според потребите да се обезбеди транспарентност во работењето и видливост на резултатите од работењето. Беше заклучено дека НВО треба да дадат придонес во политиката без партизација. |